Зулфија Бекировски е човек со широка насмевка среде тесни ѕидови. Tој е пензионер кој работел како магационер во поранешната скопска кланица покрај реката Вардар. Роден е во селото Зелениково во семејство со седум браќа и три сестри.
Во Шуто Оризари е од 1973 година, а со родителите најпрвин дошол во населбата Топанско поле во 1959 година каде во некоја мала куќа живееле, како што посочи, „во една соба со дваесет души“. Таа куќа била урната, а државата потоа им ја доделила бараката во Шуто Оризари во која на почетокот живееле и други семејства. Во меѓувреме, како што раскажа тој, бараката ја поправале и сега во неа живее со сопругата во една соба и кујна. Зулфија и сопругата имаат и мало, заедничко дворче украсено со цвеќиња кое го делат со нивниот син Себастијан, со снаата Фатмана и со внуката Медина. Тие тројцата како семејство две години наназад живееле во Германија, а три месеци пред нашата посета се вратиле во Скопје.
Медина има 14 години, во Германија завршила деветто одделение, а овде не оди веќе на училиште. „Добро ми е дома во Шуто Оризари“ рече, додека разговаравме со неа и дедо ѝ во малиот двор. Медина е задоволна што има своја соба, што нивната куќа има кујна и купатило, соба за родителите, но и што зиме може да се грее на шпоретот на дрва.
Со проектот „Домот е еднаквост“ семејството Бекировски доби финансиска помош за постапката за легализација на куќата.
За иднината останува да се надминат проблемите со влагата и со кровот. Предизвици што ги решаваат со насмевка.