ОЧИ ПОЛНИ НАДЕЖ
– Сенад Салиевски е млад машинобравар што животот го фрли во вителот на предизвиците. Во неговиот дом во Шуто Оризари секој ден е исполнет со надеж дека борбата за опстанок ќе стане полесна, дека животот барем еднаш ќе го израдува. Не само него, туку и целото семејство. Сенад се грижи за четири деца: три сина на возраст од 9, 12 и 14 години и едно девојче на возраст од 4 години. Неговата сопруга Елвира не работи, само понекогаш успева да пронајде некоја мала работа, „колку да капне“. Иако е млад човек, Сеад вели дека има големо животно искуство. Работам во „Сити казино“ во Шуто Оризари како касиер. Имам завршено средно училиште за машинобравар во ПТТ „Владо Тасевски“, но не работам во струката. Пробав, но не успеав да најдам таква работа, мислам дека требаат повеќе партиски врски. Добро се снајдов досега, се трудам, работам, парче леб вадам за децата што е најбитно.
„Оваа куќа е во дворот на дедо ми, татко на сопругата Елвира, тој ни подари еден дел, па создадовме нешто. Tој живее од едната страна, а ние од другата. Јас немав можности да завршам факултет, средното училиште едвај го завршив, некогаш јадев, некогаш не. Го завршив со тетратка, препишував од табла, немав учебници. Кога завршив средно училиште, нормално сакав да работам и барав работа во повеќе фирми. Не е важно кои се тие, но ме одбиваа нормално со различни изговори: црна кожа, нема место, ќе видиме, ќе ти јавиме“, вели Сенад. Тагата се вселува во неговите очи кога ќе помисли на убавините во животот, толку далечни за неговото семејство. „Навистина тешко излегуваме надвор од Шуто Оризари заради парите, а камо ли да можам да ги однесам децата да видат море или други европски држави. Не сум однел ниту едно од децата досега на одмор, ни на море, ни на езеро. Јас сум бил на езеро кога бев во интернатот „Гоце Делчев“ во Љубанци, а инаку сум од Зелениково. Како ученици нѐ носеа со помош на донации во Охрид, на Дојранско езеро. Откако излегов од интернатот со 14 години, по завршувањето на осмото одделение, не сум бил никаде на одмор.
Моите родители на пример, не можеа не само патики, туку ни чорапи да ми купат, бидејќи беа болни. Мајка ми петнаесет години беше во болницата во Бардовци, татко ми си работеше само за себе, не го интересираше ништо друго. Имам уште тројца браќа и една сестра. Во моето семејство само јас сум осигуран на работа, а другите се снаоѓаат, работат по некоја приватна работа и успеваат да добијат пари само колку за да не бидат без леб“. И покрај патилата со кои се дружи од најраните години, очите на Сенад се полни надеж. Деновиве размислува како да ги подобри условите за живот во куќата и да го разубави секојдневието на семејството.
Со проектот „Домот е еднаквост“ Сенад доби помош во средства за легализација на куќата. Постапката е неопходна за да може да ја поправи и да ја надогради колку што може. А желбата и сонот не му недостигаат. Полн со младешка сила и љубов кон своите четири деца, Сенад вели дека ќе направи сѐ за да ја смени реалноста во неговиот дом.
„Во зима премногу е ладно, немаме изолација на куќата и сите се собираме во една соба. Доле во куќата нема греење, има само горе на катот. Во едниот дел од куќата нема фасада, не сум ставил воопшто стиропор, треба и олуци да се стават и други работи. Со жената и децата живееме во 54 квадрати, долу имаме кујна и купатило, а горе салонче, за децата каде што спијат, наша спална соба и мал балкон. Имам доста работи направено, но треба уште работи да се сменат“.
Додека ја напуштаме куќата исполнета со детски џагор, надежта на Сенад и неговото семејство лебди во воздухот и чиниш фрла светлина на уличката. Како да шепоти. Можеби среќата ќе им се насмевне, можеби тивко и ненајавено некои добри души ќе им помогнат надежта да стане јаве.

