Потпишан меморандум за соработка со Општина Шуто Оризари

Во рамките на глобалната кампања „Домот е еднаквост“ на Habitat for Humanity, што на национално ниво ја спроведува Хабитат Македонија, на 4 август годинава Зоран Костов, извршен директор на Хабитат Македонија и Курто Дудуш, Градоначалник на Општина Шуто Оризари потпишаа Меморандум за соработка со што официјално го означија стартот на активностите на кампањата во Шуто Оризари.

“Жителите на неформалните населби се оставени сами да ги решаваат бројните проблеми во домувањето. Од пристапот до основни услуги како што се чиста и здрава вода, хигиенски услови, електрична енергија, до климатската отпорност на објектите во кои живеат. Соодветните политики на локално и на национално ниво во голема мера може да помогнат да се подобрат условите за живот на овие семејства и да обезбедат подобра иднина. Граѓаните на Шуто Оризари ја заслужуваат можноста да живеат во безбеден и сигурен дом, како еден од клучните фактори за подобро здравје, социјална сигурност, образование, вработување и други основни потреби и права за квалитетно живеење.”, рече Зоран Костов.

Градоначалникот Курто Дудуш изрази благодарност за досегашната успешна соработка и поддршката што жителите на Шуто Оризари во изминатиот период ја добија од Хабитат Македонија и Европската Унија, особено новите урбанистички планови, легализацијата на бесправно изградените домови на 100 семејства во општината и реконструкцијата на педијатарската амбуланта во општината. „Со континуирана поддршка на Хабитат Македонија, жителите на Шуто Оризари ќе добијат уште подобри услуги во сферата на домувањето, социјалниот живот, здравјето и заштитата на животната средина. Ќе продолжиме со урбанизацијата и легализацијата на бесправно изградените објекти, а дел од семејствата ќе добијат можност за реконструкција на домовите. Меморандумот за соработка и нашето вклучување во кампањата Домот е еднаквост е израз на заедничките заложби за пристоен дом за секој жител на општината“. Рече Дудуш.

Според податоците на ОН – Хабитат околу 3,7% од вкупното население во Македонија или околу 77.000 лица живеат во неформални населби. Хабитат Македонија ќе ги поддржи политиките и системите што треба да се унапредат за да се задоволат потребите на лицата без адекватно домување во општините Шуто Оризари и Куманово, а долгорочно и во други општини во земјата. Сето ова треба да доведе до подобри резултати во намалувањето на сиромаштијата, унапредување на здравството, образованието и човековите права затоа што вистинскиот дом значи подобар живот, подобро образование, подобро  здравје, почиста животна средина, посигурна иднина.

Затоа што секој човек заслужува пристоен и безбеден дом.
Затоа што ДОМОТ Е ЕДНАКВОСТ.

Повеќе информации за глобалната кампања на Habitat for Humanity се достапни на www.habitat.org/home-equals .

За кампањата во нашата земја посетете ја веб страницата www.habitat.org.mk