Потпишан меморандум за соработка со Општина Куманово

По повод Светскиот ден на домувањето 2 Октомври,  Максим Димитриевски, Градоначалник на Општина Куманово и Лилјана Алчева, Заменик-директор на програма – Хабитат Македонија во рамките на глобалната  кампања „Домот е еднаквост“ на Habitat for Humanity, потпишаа меморандум за соработка.

“Светскиот ден на домувањето го одбележуваме на најсоодветен начин, со меморандумот за соработка што претставува израз на вољата на Хабитат Македонија да  влијаеме на локалните и националните политики и да го свртиме вниманието на јавноста кон потребите на жителите на неформалните населби. Многумина од нив сé уште немаат пристап до вода, електрична енергија,  хигиенски услови за живот, здравствени и социјални услуги. Клучно за нашата кампања е да го обезбедиме конкретниот одговор на прашањето „Што можеме заедно да направиме за жителите на неформалните населби и овде во Куманово, но и во целата држава“, рече Лилјана Алчева, Заменик-директор на програма – Хабитат Македонија.

Градоначалникот Димтриевски изрази благодарност за досегашната поддршка и реализираните проекти кои го подобрија животот на граѓаните. „Задоволство ми е што Куманово ја продолжува успешната соработка со Хабитат Македонија. „Во интерес на жителите на Османов рид и воопшто сите граѓани на Куманово е заедно со Хабитат Македонија да направиме се што е во наша моќ за да ги промениме состојбите и да обезбедиме вистински домови за сите кумановчани. Меморандумот за соработка ја потврдува нашата посветеност кон оваа цел за доброто на сите граѓани“, нагласи Димитриевски.

Во чест на Светскиот ден на Домувањето Димитриевски и Алчева го означија стартот на активноста „Урбан Октомври“ која UN- Habitat и Habitat for Humanity  ја започнаа насекаде во светот со цел да ја подигне јавната свест за значењето на домувањето. Во Куманово беше основана и Локална лидерска група која ќе работи во рамките на проектот „Домот е еднаквост“. По повод Светскиот ден на домувањето, Димитриевски и Алчева  заедно со членовите на Локалната лидерска група ја посетија населбата „Османов рид“ и остварија средби со жителите.

Целта на кампањата „Домот е еднаквост“ што Хабитат Македонија ја спроведува со партнерските организации ширум светот е да влијае на промени во политиките на локално, национално и глобално ниво за да се зголеми достапноста до адекватно домување за луѓето кои живеат во неформалните населби, односно луѓето кои и во 21 век, живеат во нехумани и неадекватни услови.  Адекватното домување значи подобар живот, подобро образование, подобро  здравје, почиста животна средина, посигурна иднина.

Затоа што секој човек заслужува пристоен и безбеден дом.
Затоа што ДОМОТ Е ЕДНАКВОСТ.

Повеќе информации за глобалната кампања на Habitat for Humanity се достапни на www.habitat.org/home-equals .

За кампањата во нашата земја посетете ја веб страницата www.habitat.org.mk