ДОМОТ = СИГУРНОСТ

„Откако светлината дојде на улиците животот стана полесен“, велат жителите на неформалната населба „Стари лозја“ во Куманово. Педесетгодишниот Шаип Рамадани, активист за заштита на ромските права живее во семејна куќа изградена во 2004 година. Куќата сѐ уште не е легализирана како и околните куќи на неговите соседи. „Мојот имотен лист сѐ уште не е во фаза на изработка бидејќи се работат предмети од 2014 година и затоа имаме многу проблеми. На пример, не можеме да земеме поволни кредити за доградба на куќата и стоиме во место“, вели Рамадани.

Со проектот „Домот е еднаквост“ и со новиот Детален урбанистички план за населбата чија што изработка е во тек, Шаип и неговите соседи ќе можат да ги легализираат своите домови. Проектот преку учеството на граѓаните во Локалната лидерска група поттикна една невладина организација да обезбеди дополнителни средства и за поставување на нови светилки на улиците. „Осветлувањето на улиците сега е многу подобро од претходно. Но, ни треба и легален пат, подобрување на водоводната мрежа, канализација, како и градинка, детски игралишта, амбуланта, пошта, парк и други нешта неопходни за современо живеење“, нагласува Шаип. Сопругата, синот и ќерката на Шаип Рамадани не се вработени, а од своите деца тој веќе има и внуци и со нив и верба во иднината. Тој и неговите соседи очекуваат во „Стари Лозја“ да се подобрат условите за живот на Ромите. „Мора сите да се надеваме на тоа за да не заминуваат младите во странство“, вели Шаип.

И додека зимските облаци го покриваат небото над оваа кумановска населба, 9000 луѓе дишат со надеж за поубави услови за живот. На овој Божиќ отворете ги очите и помислете на нив. Затоа што …

ДОМОТ Е ЕДНАКВОСТ

Проектен тим на Хабитат Македонија и Катерина Богоева, декември, 2024