ДОМОТ = ЉУБОВ

Ништо не е тешко за Алмадет. Ниту прозорците низ кои ветрот вие во зима, ниту уништениот кров, прокиснатите тавани и мирисот на мувла. Нејзините очи се исполнети со две души, две деца, две иднини. Затоа од утро до мрак се фаќа во костец со животот со љубов во очите за своите деца. „Кога врне, вода ни влегува низ прозорците, морам секогаш да ги тргам теписите и да бришам“, прошепотува оваа самохрана мајка посочувајќи ја влезната врата која се откорнала и паднала, и сега некако стои привремено прицврстена за ментешите. Потоа ја крева главата кон светлината и нè погледнува со поглед во кој живее волјата да се бори за нејзините деца и болниот татко за кој се грижи.

И помислуваш каква храброст е потребна за да ја живееш оваа битка секој ден, каква сила во срцето? Алмадет Шаин и нејзиното семејство наскоро ќе добијат нови врати и прозорци со проектот „Домот е еднаквост“, за ветрот да престане да вие среде соба.

Надежта на Алмадет дека сите битки ќе се извојуваат една по една одекнува во Шуто Оризари заедно со надежта на мајките насекаде во светот што сонуваат за поубав и потопол дом за своите деца. На овој Божиќ отворете ги очите и помислете на нив. Затоа што …

ДОМОТ Е ЕДНАКВОСТ

Проектен тим на Хабитат Македонија и Катерина Богоева, декември, 2024